Јована Матевска Атанасова
Ловејќи го ветрот - Мелани Добсон -Во вителот на војната-
"Колку во нашите животи има место за две глаголски времиња?"
Сме го почувствувале вкусот на ветрот кој се впива во секоја наша пора, онаа мешавина на студен здив растопен од пролетта, кога пладнињата мирисаат на две годишни времиња, исто како и мирисот што се развејува од нашата душа, на една подвоеност, на копнеж по она што било и она што ќе биде. Брижит и Витез се заглавени во едно такво време-невреме, отуѓени од она вистинското кое минува и го дочекуваат со осама, копнежливо погледнувајќи низ окното на спомените кон минатото.
Даниел Витез е богат човек, но несреќен, кој за жал, својот живот и богатство го потрошил во обидот да ја најде својата пријателка од детството, Брижит, со која побегнале за време на нацистичката окупација од Германија. Нивното бегство не било лесен залак особено за деца од националност која била омразена низ земјите низ кои поминуваат. Витез за Брижит е засолниште, таа е целосно зависна од неговата поддршка, од неговото водење низ темните улици, низ тоа слепило од болка и надеж.
Но во пост-воената анемија животот не е нималку милосрден со две сирачиња. Тие иако споени само во мислите, одново го преживуваат хоророт на осаменост, на неизвесност, на страв. Ова синтетичко чувство на припадност сепак ќе им овозможи какви-такви удопства, и на двајцата.
Кога по 75 години, веќе изнемоштениот господин Витез, преку својот адвокат ќе ја најми американската истражувачка новинарка Квенби Вон, приказната како да го добива својот лик во калапот. Квенби напредува со истрагата, пловејќи низ мрачните ходници на измачениот стар континент, чие тло не го одминале ниту еднаш светските војни и во своја утроба вдомил милиони трагично загубени животи.
Иако насекаде преовладуваат патоказите за можна шпионажа на елитна англиска фамилија, Квенби и после повеќе од половина век наидува на стиснати тупаници и слепи сокаци каде и да погледне. Навлегувајќи во лавиринтите, приказната се заплеткува и со нејзиниот приватен живот, кој воопшто не ја галел.
Така, оваа историска фикција со нишката мистериозност останува неизвесна до самиот крај. Морам да го пофалам преводот и лекторството, затоа што со оглед на фактот дека книгата е производство на една нова издавачка куќа, тоа нема да го почувствувате меѓу редовите. А и каков би бил тој роман без да се развива и љубовна романса во позадина?
Но она што останува да тлее помеѓу вас, вашата свест и прочитаното е прашањето: Колку во нашите животи има место за две глаголски времиња? Колку долго би издржал човек со "Јас бев" и "Јас сум"? Нема ли тие спротивставености да ја доведат личноста до една силна и семоќна криза на идентитетот? Но кога помеѓу овие две времиња ќе се вброи и љубовта, тогаш е сосема природно човекот да живее сега, а да го оживува минатото.
Comentarios