Маријана Ѓорѓиевска Мишовска
Емотивна приказна за нераскинливото пријателство помеѓу Диетмар и Брижит-деца, кои наместо да уживаат во детските игри, мораа да пораснат и да го запознаат суровиот свет на возрасните. Приморани да бегаат од војната, препуштени сами на себе, спиејќи под отворено небо, гладни, лишени од грижата и љубовта на своите родители. Преживуваат вистинска голгота по трнливиот пат од Германија до Англија. Кога конечно ќе стигнат, и кога мислат дека на нивните страдања им дојде крај,тие се разделуваат.Судбината ги праќа на различни страни, но Диетмар и ветува на Брижит дека по војната ќе ја пронајде... Минуваат 75 години и Диетмар се уште трага по пријателката. Последна надеж наоѓа во Квенби,новинарка која истражува за шпионажи и жртви од војната.Таа самата имала трауматично детство, и во главата има многу неодговорени прашања. Заедно со адвокатот Лукас се впуштаат во авантура, копајќи во минатото, следејќи ја секоја трага. Дали ќе успеат да ја пронајдат Брижит и да ги откријат загатките и мистериите кои траеле со години? Дали Диетмар ќе го исполни ветувањето, дали ќе му се оствари единствената желба што тлееше со години? Што се случувало во годините кога биле разделени, и уште колку маки и неправди претрпеле тие? Дали животот ќе им дозволи последна средба и обединување? Одлична семејна драма во која се раскажани животите на повеќе генерации,тешките последици од војната, борбата и истрајноста и вистинското пријателство, за кое не постојат граници. Убава нарација, стил и опис на ликовите, топла препорака за љубителите на добри, емотивни книги. Јас уживав во секоја страница.
Comments