top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

ОСВРТ КОН ПОЕТСКИОТ РАКОПИС НА ТАЊА ГОЦЕВА „ЉУБОВ И СТРАСТ“


м-р Десанка Николова


Пред нас го имаме најновото поетско остварување на талентираната поетеса Тања Гоцева која ненаметливо се наметнува како сериозен поет, наш современик, во македонската поетска ризница.

Самиот факт што овој пат поетеста фрагментите од душата откинати ни ги предава целосно соголувајќи ја својата интимност, дополнително го потврдува нејзиниот раскошен талент кога е во прашање нијансирањето со зборови и создавањето поезија.

Кога на прочит ги добив стиховите на Тања уште со првиот фрлен поглед видов слика на жена, која седната во својата сопствена соба, се обидува да ги вразуми своите емоции, да ги компресира во стихови и храбро да му ги покаже на светот изблиците на емоција до кои авторката нам како читатели, ни дозволи екскузивен пристап.

Стихозбирката „Љубов и страст“ е лирски дневник напишан во кодот на женското поетско писмо. Емотивна исповед во која авторката се соголува, а во тоа поетско соголување има ерупција од емоции кои како лава се излеваат од срцето. А срцето како сеизмограф ги бележи сите потреси од љубов и страст.

Оваа телесна морфологија преточена во поезија во себе содржи женски маркери: теми од женското секојдневие, јас-форма на лирската есенција и современ модел на женскост

Песните во „Љубов и страст“ се истовремено и песни-исповеди и песни-казни, и песни-писма и песни-дневнички записи; исткајани од животот, искуството, обидите за љубов, бесценото секојдневие, исполнетото со тривијалности.

Љубовта во светот на поезијата на нашата поетеса е апсурдна но и самата е жртва на апсурдот. Љубовта во поетскиоте восклици на Тања е мозаик составен од докрај нереализирани емотивни врски и љубовни желби и страсти, од искушенија и разочарувања, од соништа и надежи.

Но љубовта не е нешто што човекот може да го контролира, најчесто е обратно, љуовта е таа што ги контролира луѓето, па така, поетесата не потклекнува пред пречките за забранетата,нереализираната љубов, напротив, свесна за нив, таа ја чува љубовта кон саканиот во себе и за себе и сосема отворено, фројдо-тераписки разголувачки ја открива во својата поезија, која станува мевлем за мазохистичката рана.

Приказните во поезијата на Тања се фрагментирани, па слеани во единство, т.е. една приказна е раскажана во неколку песни, а и повеќе приказни се втопени во една генерална, универзална приказна, па на читателите им преостанува да одлучат дали станува збор за повеќе љубови со повторувачки исходи или на една иста љубов што просто ритуално се врти во круг.


Уште при првата средба, љубовта на повидок е осудена на разидување – контрастите се преголеми за да се приближат. Но тоа е она Проклетство со кое поетесата ја започнува својата интимна исповед и не повлекува во нејзината лична драма која во суштина е нејзина преродба, нејзино повторно раѓање и нова шанса за да блесне во полн сјај.

Во почетните стихови се наслутуваат емотивните подеми и падови во кои како во лавиринт залутала нашата Тања, па сама се презира за своето дело, затоа крикнува:


„Сама се казнуваш во тој момент.

Сама си ставаш сол на рана.

Ако нека боли.

Нека те боли.

Знаеш што е тоа?

Тоа е она кога длабоко ќе се заглавиш.“


Како ранета срна изгубена во длабоката шума,свесна е за својата Најголема грешка затоа во директно обраќање му вели на својот сакан:


„Знам дека многу погрешив.

Знам дека многу те повредив.

Си изгубив самата себе,

А ти се обидуваш да ме најдеш.

Не можеш драги, не труди се.

Прости ми за мојата грешка.

А најголема грешка ми е

Што не можам да те сакам како некогаш.“


Поетскиот курикулум на Тања го разголува емотивниот свет на жената. Пред вас се издигнува лик на храбра жена. Но, скриените детали на стихот раскажуваат сосема поинаква приказна, за жената која слепо верувајќи во словото на љубовта, пробала од пехарот премачкан со пелин. Жена која гори од огнот кој во неа гори. Жена која копнее по допирот на својот сакан.

Стиховите на Тања предизвикуваат емотивна раздразливост, го брануваат емотивниот свет на читателот до степен на зачуденост од храброста, нештата да се кажат толку отворено.

Лирскиот субјект страда поради забранета љубов, но истовремено се гуши од притисокот кој го носи од затворот во себе кој ја ограничува. Од една страна забранетата љубов како прибежиште во кое не наоѓа утеха, од друга страна љубов која носи болка и разочарување.

Авторката, создава поетски сцени, кои се нижат пред погледите на публиката, секоја песна е налик на сцена од театарска претстава која се одигрува пред очите на читателот, со разголени тела и души, без трошка нелагодност.

Го поттикнува читателот со љубопитство да седи до крајот на претставата. Како на филмско платно, стиховите стануваат епизоди, така создавајќи поезија која не завршува со точката на последниот стих. Смела и отворена до последното прозорче на нејзината интима, таква е во поезијата нашата Тања.

Со таква смелост ја носи својата горчина и чекори низ рушевините и храбро го прашува својот сакан:


„Ќе бидеш ли со мене

ако го видиш мракот во мене?“


А потоа во една од своите песни со уште поголема храброст, женски грмнува:


„Никогаш не ми даде до знаење

Дека ти значи моето постоење.

Чувствував дека не сум доволно добра за тебе.

Сега прости, навистина не сум.“


Лирското јас согорува сонувајќи за една надеж, недофатна, бодликава, болна, а толку посакувана. Љубовта е најсилната илуминација, светлина која ја осветлува човековата душа, а страста е чкорчето кое го пали барутот за огнометот да ги создаде најубавите креации на темната ноќна небеса. Дестилирана страст која како есенција на своето постоење ја дава љубовта, онаа чиста, искрена, безвременска, онаа љубов која боли до непребол, непрежал, непрестан. И како таква понира од секој стих, како атом откинат од срцето.

Женската душа е болно, но и естетски разголена, а во неа наоѓаме состојба на крик, па во таков еден крик поетесата вели:


„Ќе сфатиш еден ден ,

Дека не е љубов се што гледаш.

Ќе сфатиш и дека

секоја љубов не е вистинска.“


Сепка љубовта и саканиот се се што и е потребно на нашата Тања, оти гладна е за љубов, затоа му порачува:


„Ми требаш ти и твоето срце

Да ми бидете дом,

Зашто немам каде.“


Какво искрено, емотивно сознание!

Сепак, зракот светлина како притаена надеж се пробива низ пукнатините на душата. Таа надеж, таа лична победа и повторно раѓање се доминантен мотив во песните „Феникс“ и „Ќе бидам добро“, па вели:

„Јас сум како Феникс

Ќе изгорам,

Но ќе се родам повторно.

Уште поубава.

Уште помоќна.

Уште поистрајна.“

„Ќе продолжам понатаму.

И не грижи се .

Ќе бидам добро.“


Поетската збирка „Љубов и страст“ на Тања Гоцева колку и да изгледа навидум како апотеоза на љубовта, нејзините стихови се лузните кои авторката ги понела со себе, тетоважи на душата кои за навек остануваат, не може да ги избрише ниту далечината, ниту заборавот, едноставно, ќе останат впишани како животно искуство и лекција од која се излегува како победник за да се надрасне себеси и да стане свесна за моќта на жената, која на изеот од тунелот ја чека ново сонце во новата пролет.

Во овој лирски дневник, поетесата пишува и за најчистиот облик на безгранична и бесусловна љубов, љубовта на мајката кон своето чедо. Песните „Светлост“ и „Верувај“ им ги посветила на своте ќерки, како порака, како аманет за да им каже дека што и да се случува, секогаш ќе биде тука за нив, нивно засолниште, нивна утеха и нивна најголема поддршка за да веруваат во својот сон.

Нашата поетеса е буден сонувач и романтичар. Во нејзините стихови доминираат романтичарските елементи: ноќ, Месечина, ѕвезди.

Поетските изливи на Тања изобилуваат со емоционалност, музикалност и сликовитост. Употребата на стилски фигури, меѓу кои најдоминантни се епитетот и метафората, изразот на емоциите, употребата на слики и ритамот во стиховите, ја потврдуваат уметничката вредност на ова значајно поетско дело на Тања Гоцева.

Јазикот е едноставен и разбирлив. Мислата јасна.Песните се пишувани во слободен стих.

Сигурна сум дека стиховите ќе ги прочитате во еден здив, но ќе сакате повторно да им се навраќате за да бидете дел од таа убава магија.

Поетската книга „Љубов и страст“ е вистински пијалок за гасење жед, но и меч со две острици, затоа што по конзиумирањето, остава потреба по уште.

„Љубов и страст“ го заслужува вашето внимание и со право треба да биде дел од полиците на вашата домашна библиотека.





65 views0 comments

Comments


bottom of page