top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

Прва реценизја од читател за „Девојчето со седа коса“

Марина Кљајиќ

Има книги кои со секоја прочитана страница ти ја обвиваат душата со нежен превез од емоции кои не си ни бил свесен дека може да извираат од тебе. Те обземаат полека, нежно и длабоко, ти допираат до сржта на срцето и засекогаш остануваат дел од тебе. Ретки се тие книжевни бисери и толку скапоцени.

Една таква е „Девојчето со седа коса".


Книга што длабоко ќе ги допре вашите срца...

Книга која нема да ве остави рамнодушни...

Книга чија приказна ќе ве натера да се запрашате - зар навистина можно е една душа да понесе толкав товар?



Книга која е инспирирана од вистински настан...


За секој човек доаѓањето на овој свет е како зачекорувањето на актерот на театарската сцена - судбината му напишала сценарио и негово е само да ја одигра неговата "улога".


Нашата судбина... Можеме ли нешто против неа? Моќни ли сме да ја насочиме самите и да биде во наша полза?

Целиот наш живот е судбина. Нечија среќна, додека за друг често знае да биде сурова, да си поигра со него и да му нанесе болни удари.

Болна, сурова,нехумана, неправедна... Таква е судбината на нашата хероина Маца.

Девојчето кое судбината ја однесе во вртлогот кој го создаде разводот на нејзините родители, а таа како партал после олуја е исфрлена на брегот на пуст остров на животот, живот без неопходната родителска љубов и грижа.

Зар не беа доволно сурови ударите кои ѝ ги нанесува животот, правејќи ја Маца сираче при двајца живи родители, та да мора да ги трпи и физичките удари на нејзиниот чичко?!

Единствена светла точка во нејзиниот живот е нејзината кротка бабичка, која е единственото добро што Маца го има.


Читајќи ја книгата, задолжително имајте покрај себе бележник, ова дело е вистински рудник на скапоцени цитати!

Еден од моите омилени, оној кој ми создаде најголема кнедла во грлото е овој, со кој во целост може да се долови детството на Маца - „Си повторуваше во себе дека мајка ѝ ја заборавила веќе, а татко ѝ е презафатен, ама потајно се надеваше дека еден ден... дека ќе го има и тој ден кога некој од нив ќе ја земе со себе. Издржуваше секакво малтретирање со надеж дека е само привремено, и ќе заврши кога ќе ја земат оние кои никогаш не требаше да ја остават."


Сите деца еден ден ќе пораснат и ќе прераснат во возрасни личности во чија срж е детето кое некогаш биле.

Во каква девојка ќе прерасне Маца и какви планови имала за неа судбината...

Оставам да откриете сами.


„И потем, така ќе научиш оти балерините се најкревки кај што најцврсто се држат... Најјаки се кајшто најмногу ги боли! И вртат, се веат надвиснати над болката своја, да помисли човек оти таа лично сама нагоре ги крева. А, никој освен неа не помислува дека ако запре, уште повеќе ќе страда. Не може обичен човек да знае како е да си примабалерина на болката своја...“


Секоја чест Магдалена!

161 views0 comments

Comments


bottom of page