top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

РЕЦЕНЗИЈА НА КНИГАТА ,,АБЕРАЦИИ НА МЛАДОСТА“


Пишува : Софија Петковска

Во мојот живот се појави како кокиче во снегот кое ја изненадува лутата зима и ѝ вели: доволно беше, време е за топлина, време е за пријателство, време е за ведрина.

Да, токму така, од нигде никаде, Сашка воспостави комуникација со мене, која од тврдо ВИЕ, премина на љубезно и пријателски ТИ. Таа е личност која со својата ведрина, кроткост и учтивост, не може туку така само да ја одминете. Среќна сум што запознав личност како Сашка, една прекрасна поетеса, која заслужува да има свое место на мојата страница во рубриката #рецензијазапоетсказбирка, бидејќи нејзините стихови, од душа, имаат тежина, но и мекост, доколку ги читате во тишина, мир и со широко отворено срце, исто како што ги читав и јас.

На Сашка ова ѝ е прво книжевно остварување, нејзина огромна желба, за чие исполнување совршено се потрудиле издавачката куќа ,,ЗБОР" .

Дел од песните се кратки, дел долги, пишувани во слободен стих, за чија префинетост се заслужни и малите цртежи како дополнително објаснување кое на песните им дава душа.

На едно место во книгата таа ќе запише: ,,Кога бев млада манипулирав со мојата убавина, сега би сакала со одредено знаење..." И навистина, се чувствува во секој нејзин стих, лекцијата која ја научила во животот, една зрелост која води кон мудрост, која сега ја направила помудра личност која трага по уште знаење и копа длабоко во својата душа за да се пронајде самата себеси, но не знам зошто го напишала она: ,,кога бев млада..." Таа и сега е млада, убава и интелигентна личност која трага по мудроста на животот.


Што се однесува до насловот на книгата, за оние кои можеби не знаат што значи зборот ,,аберации" најпрвин да дадам едно кратко објаснување, тоа е збор кој најсоодветно би се објаснил со ,, отстапување од нормалното", што значи, насловот би бил ,,Отстапување во/на младоста". Но, прекрасен збор е аберации и не би требало да се заменува, ова само како едно кратко објаснување на поимот.

Што се однесува до насловот повторно, сметам дека авторката се водела како идеја според една нејзина песна која го има истиот наслов, песна во која вели: ,,Нацртај ме еднаш онаква каква ме замислуваш. Напиши ме таква каква што ме мислиш...Ако погледот те излаже, очите ќе зборуваат. Ако допирот ти каже, студот ќе те излаже."

Животот за неа е полн со предизвици, но сепак колку и да има бедни моменти вреди да се живее и не треба да се чека ниту секунда за ништо, туку да се зграпчи секој момент што доаѓа, па затоа во својата песна ,,Часовникот" таа ќе запише: ,,Животот не е часовникот на твојата рака, тој ти покажува уште колку минути ќе уживаш во бедниот оној кој го нарекуваш живот."

И поетите не би биле поети, ако не ја воспеваат љубовта, надежта и верата. Сашка вели дека е гола како Адам и Ева, но ја има нејзината вера, љубов и надеж. Поетесата во својата песна ,,Вера, љубов, надеж" за овие три блажени чувства вели: ,,...чекај ме таму на тајниот влез таму каде јас и ти можеме да заборавиме сѐ и со часови да си бидеме доволни...Да знаеш ќе бидам птицата на твоето рамо, солзата во твоето око, љубовта во твоето срце , насмевката на твоето лице...Ти си мојата верба во Господ, се молам за нас. Дозволи ми да бидам твојата надеж за век и векова. "

Кога сме веќе на фрекфенцијата на љубовта, морам да признаам дека песните ,,Ајде, душо да те разгалам" и ,,Пијано" ми оставија силен впечаток, особено следниве стихови: ,,...Со ноти го везам тивкиот шепот...Ех, да сум горе месечинка цела, да гледам заљубени двојки што чекаат ноќ,па да разбушавам коси, заљубам срце...Ајде душо да те разгалам,со ноќница облечена, со музика разнежнам, со ноти песна ќе ти напишам, со очи цел воздив ќе ти нацртам. " Многу музика, многу нежности, многу поезија,многу љубов. И нека биде така, оти светов за љубов е гладен.

Но, дали би можеле да сме доблесни, чесни, искрени и да делиме љубов, ако во себе трепериме, немаме мир, а сета таа тага ни се одразува и на ликот? Како внатре, така надвор. Во песната ,,Огледало" Сашка одлично го опишува тој важен психолошки момент: ,,...Се праша дали е надворешното или внатрешното? Нема одговор, зависни се. Заедно се посилни".

Сите сакаат да го облечат нејзиното одело, нејзините чевли, да ја спојат и поправат скршената чаша, но за жал, не можат. Една е Сашка Васкова! И само таа најдобро знае да се носи со самата себеси. За себе, во една песна пишува: ,,Лошиот ум не продира низ моите розови очила. Таа хармонична енергија која лебди низ воздухот, ведрата тишина во просторијата."

Сашка, се надевам дека твојата тишина во зборовите ќе ја разберат читателите и ќе уживаат во нејзино друштво.

Ти посакувам многу книжевни успеси во иднина и уште многу, многу поезија од твојата душа испишана на хартија.

Голем поетски поздрав!

54 views0 comments

Comments


bottom of page