top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

РЕЦЕНЗИЈА НА КНИГАТА ,,БЕСКОНЕЧНО, АНАТОМИЈА НА СТРАСТА, ПОЕТСКИ ПРИРАЧНИК-ЛЕК ЗА ДУША" ОД ПОЕТЕСАТА

Софија Петковски

Јас од Скопје, таа од Велес, а се запознавме сосема случајно, на еден преубав поетски настан во Гостивар. Со првото здраво, веќе имавме пријателски муабет.

Драги читатели, со задоволство ви ја претставувам Десанка Николова, Дипломиран професор по македонска книжевност со македонски јазик, Магистер по менаџмент на човечки ресурси, Докторант на организациско управување, вработена во Министерството за култура и секако, поетеса.

Како што вели Десанка во нејзината песна ,,Недела": ,,Кога е недела, сонце ми грее и во мислите и во срцето...Недела ми мириса на дом, на љубов, на среќа. Недела никогаш не е обичен ден!" Па ете, затоа, денес, јас вака, празнично и неделно, ве поканувам да уживате читајќи ја оваа рецензија на нејзината книга која носи наслов ,, Бесконечно, Анатомија на страста, поетски прирачник- лек за душа", која патем е нејзината седма книга по ред во низата издадени лични дела и е испечатена преку Издавачката куќа ,,Збор".


На почетокот, Десанка ви посакува топло добредојде на сите, кои ја земате нејзината книга в рака, со зборовите: ,,...Во сводовите од мојот храм од зборови, парче душа од мене има и еве на дланка ти го подарувам, грст стихови полни љубов и топлина, лек за душата, атом од срцето дарувам."

Патем, таа нѝ дарува и песна за нејзината песна, која носи наслов ,,Синестезии". За оние кои првпат се сретнуваат со овој збор, едно кратко мало објаснување: Синестезија е психолошки феномен, со кој истовремено можат да се користат две или повеќе сетила. Додека повеќето од нас гледаат слики, слушаат музика или чувствуваат допир, синестетите можат да го видат звукот и да го почувствуваат вкусот на зборовите. Па аналогно на оваа дефиниција за зборот, Десанка со насловот од песната сака да посочи дека нејзините стихови се живи, опипливи, реални, како што, патем таков е и самиот живот или како што таа ќе запише: ,,...Мојата песна има благ вкус на егзотично тропско овошје...Мојата песна мириса на љубов, оти секој стих љубов е, од душа е, за душа е!"

Стихозбирката е поделена во три дела, а секој дел има наслов.

Првиот дел носи наслов ,,Бесконечни кругови: Мислопис", а во него се запишани сите оние песни кои како тема ја имаат човечката душа, внатрешните превирања,емоциите, соништата, животот. Песните од делот Мислопис, дур ги читате, ќе се почувствувате дека водите разговор со некој умен старец, кој седнал заедно со вас на клупата во паркот и ви дава совети за животот дур во тишина ги набљудувате ѕвездите. Еве дел од мудрите стихови: ,, Ако човек не те разбира што му говориш, во фуснота објасни му. Ако и тогаш не те разбере, нацртај му, со контраст и градација, со епитети и компарација. Ако и тогаш не разбира, не губи си го времето...Некогаш и фуснотите залудно се напишани;",,...Погледни зад завесите, ќе видиш луѓе кои слават за успех кои не го заслужиле, а со туѓи перја се накитиле, ќе видиш и луѓе како лотосов цвет, во калта што чисти останале...Погледни зад завесите, во себе, околу себе, таму е најголемата сцена!", ,,Остави го вчера, да не ти го зема утре, да не го загубиш денес, да не се загубиш себе..."; ,, Најважно е да научиш да читаш меѓу редови, оти ете таму секогаш најмногу пишува. И од очите да знаеш да читаш, та нели очите огледало на душата се. И од лицето да знаеш да читаш...ќе знаеш кога човекот е човек и ќе знаеш кога љубовта е љубов." Од овој дел, најмногу ми се допадна песната ,,Моите облаци", песна, која многу емотивно допре до мене, бидејќи парче од небото за кое Десанка пишува, имам и јас, во моето срце.

Вториот дел од книгата носи наслов: ,,Анатомија на страста: Љубопис", патем во овој дел се моите омилени песни од Десанка, бидејќи таа ја воспева љубовта, пред сѐ романтичната љубов, а јас најмногу ги сакам тие песни. Таа љубовта ја опишува како симфонија од воздишки и издишки, арија од неискажани страсти, водопад од незгаснати копнежи и таа, љубовта, ја пронаоѓа во сите мозаици, во непратените дописки на Рацин и во насадите со маслини и портокали на Андалузија. Ако морам да одвојам кои песни ми се допаѓаат во овој дел, тоа се песните: ,,Јас со стихови те љубам" и ,,Евангелие на љубовта", а во нив таа пишува: ,,Не сакам да ми симнуваш ѕвезди, јас имам соѕвездие во твоите очи, кога ме гледаш го постилаат моето небо, волшебна светлина во мене палат...Јас со стихови те љубам, поинаку не умеам, поинаку не знам...Оти ти си моето воскресение, ти си моето откровение, оти ми покажа дека срцето оживува и после умирање без смрт ако го измиеш со жива вода и ако му дадеш љубов...Ко да си ја пронашол тревката на бесмртноста. Мое евангелие на љубовта!"

Третиот дел од книгата носи наслов: ,,Заветни аманети: Вечнопис", во кои Десанка низ стих ја опева љубовта кон татковината, односно во овој трет дел, песните имаат патриотска тематика. Мене премногу ми се допаднаа две песни. Првата песна, ,,Заветен аманет" , каде со преубави епитети и метафора е опишана нашата татковина низ везот од срма, нашето традиционално обележје: ,,Со срмен конец, на ленено платно ми ги навезе соништата - налик на пеперутка. Со свилена тантела пораб им направи и крилја нежни..." И другата, за мене омилена е ,,Вечнопис", каде низ стих вели: ,,...Само каменот во ѕидот на манастирите останал ист, цврст и непокорен за да ти биде столб, оти ти, колку и да не си иста, Ти, сепак секогаш си Ти. Додека го глаголам твоето име врз камени коски Ти секогаш си светлина и вечност, моја библиска земјо, библиски вечнопис!"

И за крај, како што во една своја песна вели Десанка ,,ние поетите од стихови-чуда правиме", јас навистина уживав читајќи го ова поетско книжуле полно со чуда, каде секој стих е магија, секој стих е арија на животот и љубовта. Искрено се надевам дека и вие, драги читатели уживавте читајќи ја оваа рецензија, бидејќи за секој еден од нас во книгата има стих за душа, бидејќи од душа е и дека секој својот мир во овој храм ќе го најде и секој својот дом меѓу стиховите ќе го има.


30 views0 comments

Comments


bottom of page