top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

Рецензија од прв читател за „Трчај мали, трчај“

Пишува: Андриана Ристевска

Петнаесетгодишниот Ники Круз е одведен во големиот Њујорк, далеку од својот дом. По физичкото и психичкото малтретирање од неговите родители, Ники е благодарен што е подaлеку од нив, но истовремено изгубен, збунет, неискусен и див тинејџер во центарот на жариштето. Не помина долго време од пристигнувањето кога тој беше повлечен од суровата рака на мрачните сили. Очајноста го принуди да се снаоѓа како што знае и умее, па така, тој стана член на најпознатата банда во Бруклин, Мау Маус. Неговото загарантирано место во таа банда го заслужи со крв, но тоа е цената која Ники со задоволство ја плати. Неговата бестрашност му донесе почит и многу брзо го искачи на врвот на таа банда. За помалку од шест месеци тој стана нивни претседател. Меѓу тие сурови и безнадежни лица тој го пронајде своето семејство и даде сè од себе за да ги заштитува. Неговата репутација стигна надалеку и секој човек што ќе го здогледал го менувал правецот или ја преминувал улицата. Мау Маус во негово водство станала најозлогласената банда која ривалите ја презирале, а од која полицијата се плашела. Таа моќ во неговите раце го направи безгрижен и со секој изминат ден тој тонел подлабоко. Неговиот живот вртоглаво згаснувал и освен во затвор, можел да заврши и на електрична столица. Меѓутоа, Ники Круз е познат како голем човек кој му помогнал на многу млади луѓе да се изборат со зависноста, омразата и уличниот живот. Што би можело да се случи за тој да се промени целосно? Чија рака го оттргна од темнината и му овозможи да ја погледне светлата страна на животот?

,,Трчај мали, трчај" е емотивна, реална и сурова исповед на Ники која подоцна станува нешто многу поголемо. Колку лесно човек може да заталка и да тргне по погрешниот пат во животот. Колку е лесно да се препуштиш на темнината. Самиот Ники истакнува во еден момент во книгата: ,,Бегав и го знаев тоа. Но не можев да се борам со ваков пристап. Ако ми дојдеше со нож, ќе се борев со него. Ако дојдеше молејќи и плачејќи, ќе му се насмеев и ќе го клоцнев во заби. Но тој дојде и ми рече: ,,Те сакам". А јас никогаш порано не сум се соочил со ваков пристап." Во тој момент ми се скрши срцето на милион парчиња за него. Љубовта е единствената алатка на овој свет која може да го направи невозможното, а недостигот на истата може да го уништи човека. Кога ја почнав книгата сакав да истражам малку за авторот бидејќи книгата е базирана на вистински настани. Меѓутоа, никако не можев да го поврзам оној среќен Ники кој зрачи од позитивна енергија на сликите и оној од книгата чиј живот полека згаснува. Две сосема различни личности. Но како што читав повеќе, почнав да ја разбирам таа леденост и омраза во неговото срце. Ниту едно дете не треба да преживее низ она што поминал тој. Неговото семејство ниту во еден момент не се потрудило да му ја пружи безусловната љубов која се раѓа со титулата 'родители', баш напротив, тие во секоја прилика му докажувале колку е безвреден во нивните очи. Неговото кревко срце не го разбирало тоа и тој го сфатил лично. Се чувствувал како неговиот живот да е залудно потрошен и проблемот го барал во себе. Сфатил дека љубовта е нешто фиктивно и изградил голем ѕид околу неговото срце со цел таа да не може да влези. Можеби глумел храбар, силен и бестрашен водич на банда, но длабоко во себе тој ја притискал болката и очајноста. Му се восхитувам што се избори и се претвори во човек кој сега инспирира и променува многу млади животи. Не е лесно да се откажеш од комфорната зона и како што се вели - не можеш да спасиш некој кој не сака да биде спасен. Менувањето на локација или опкружување нема магично да нè промени, промената започнува од нас самите. Многу ми се допадна книгата и пораката која авторот сака да ја пренесе. Болна и инспиративна приказна која допира многу сензитивни и контраверзни теми. Тип на книга која се дискутира во некој клуб на читатели. Верувам дека ќе предизвика многу различни мислења, кое за мене е показател за одлична книга. А морам да кажам дека и корицата е прекрасна. Издавачката куќа Збор завршила одлична работа. Моја топла препорака!



96 views0 comments

Comments


bottom of page