Пишува: Марко Јакупек
Читањето на оваа книга ми беше доста забавно поради самиот факт дека веќе бев запознаен со стилот на пишување на самата авторка.
Книгата уште од самиот старт е преполна со акција, самите описи, добро градените ликови и разговори ве тераат да читате до момент кога ќе се свестите дека сте останале без сон.
Ми се допадна моментот што Пени и Холт имале своја заедничка историја, тие биле во некаков вид на врска, си помагале и се грижеле еден за друг, откако неколку пати претходно си го имаат спасено живот, сега кога тие се најдени среде падината можат да ја продолжат својата романса и да докажат уште еднаш дека се спремни да се справат со сите непријатности.
Но животот ќе започне да работи против нив, дури до момент кога и обидот за едноставен разговор ќе се покаже како невозможен. Ми се допадна тоа што и покрај сите судири кои ги имаа тие сепак продолжија да живеат и да се надеваат на посветла иднина еден за друг.
Главниот момент во книгата се случува кога ќе се појави едно непријатно изненадување во кое ќе се најде екипажот на Пени. Таа ќе биде принудена да слета на планина со ранет пациент, а напнатоста да биде уште поголема на истата планина се наоѓа и еден сериозен сериски убиец со кого не треба никој да се зафркава. Во тој момент книгата станува уште потензична и нуди уште поголема мистерија и те држи закован за книгата, а страниците сами по себе се вртат. Пени и Холт повторно ќе бидат ставени на тест и да се борат против тој застрашувачки убиец.
Ликот на Пени беше добро граден, таа е пример за храбра и спремна жена, затоа што во исто време покажуваше храброст и еластичност од една страна, а од друга страна се соголуваше и ја покажуваше својата ранливост. Нејзиниот карактер се покажува и во моментот кога панелот на хилихоптерот почнува да трепери, а потоа се стемнува, а таа само се загледува кон стаклото и испушта нежен крик. Таа е човек кој реагира заедно со нејзиниот тим на екстремни ситуации и низ целата книга дознаваме дека ги има сите карактеристики за еден вешт и снаодлив пилот. Исто така се соживеав и со ликот на Холт затоа што тој имал низа свои компликации во животот, семејни тајни и драми, кои ќе ја зачинат оваа книга на еден уникатен начин. Се што можев да размислувам при читањето на оваа книга беше колку злобни можеме да бидеме ние како луѓе и колку некои луѓе одат до крајна граница за да повредат други. Нашите срца се очајно зли, но сепак Бог има моќ да им прости и да ги преобрази. Топла препорака за сите оние кои сакаат книги во кои се измешани повеќе жанрови (акција, мистерија, романса, драма). И за крај она што сакам да го кажам е дека со читањето на Линет ќе посакате сите нејзини книги да станат дел од вашата домашна библиотека.
Comments