од Андриана Ристевска
Јаков и Марта заедно со нивната мала ќеркичка Мила тргнуваат за Македонија кај родителите на Јаков за да ја прослават Новата година со нив. Патот од Германија до Македонија е навистина напорен, но вреди кога ќе се собере целото семејство на трпезата. Меѓутоа, нивната прослава се откажува кога тие ќе направат сообраќајна несреќа веднаш по влегувањето во Македонија.
По шест месеци Марта се разбудува од кома и сфаќа дека животот ѝ е претворен во кошмар. Сите околу неа ѝ кажуваат дека на тоа патување биле само таа и нејзиниот сопруг, кој е сосема добро. Не постои никаква ќерка по име Мила. Згора на тоа ѝ се обраќаат со името Лидија кога нејзиното име е Марта.
Можно ли е мозокот до толку да ѝ се оштетил и да си направил своја различна реалност? Таа длабоко во душата знае дека има ќерка, дека не е плод на нејзината фантазија. Но како ќе може да докаже кога веќе шест месеци била во кома а и нејзините зборови ги сметаат за лажни како последица од повредите.
Напната приказна која ги разоткрива мрачните тајни на едно семејство. Нарацијата е многу привлечна, не можев да ја оставам книгата сѐ додека не откријам како ќе заврши. Нема некој непредвидлив и голем пресврт, но цело време те држи во неизвесност.
Дали поврзаноста и љубовта помеѓу мајка и ќерка ќе биде доволно силна да го издржи целиот товар на алчноста која им се заканува? Дали воопшто има нешто помоќно од љубовта на мајката кон своето дете?
Една од пораките кои книгата ги дава е тоа дека без разлика колку пари поседуваш, никогаш, ама баш никогаш нема да можеш да купиш среќа. Да, можеш да си дозволиш разни предмети, но топлиот дом не се купува со пари.
Многу ми се допаднаа ликот на Марта. Доминанен лик кој по читањето долго се памети. Одлична идеја за книга. Морничава, напната и тензична која го тера читателот да чита што побрзо за да си ја задоволи љубопитноста.
Comments