Книга која за кратко ќе биде ваша стапица од реалноста. Хедланд со секој свој збор предизвикува уживање и сензација. Лесен стил проткаен со вистински историски настани и факти за Англија, фузија на модерното и античкото, книгата како водич низ музеј ќе ви ги оживува двете димензии, особено онаа средновековната. Патувајќи со Мериен не може, а да не ја почувствувате тензијата од нејзиното двоумење, од вашата лична заземеност, дали сакате таа да го заврши она по што отпатувала или да остане задомена во прегратките на згодниот витез, но во друга епоха. Тука ќе пресуди или алтруистот или романтичарот во вас. Но како ќе заврши? За првпат книжевното враќање во минатото нема цел да обезбеди еликсир за бесмртност, туку да ја прикаже големината на сестринската љубов, жртвата, поврзаноста, платонскиот стаж и инстинкт кон обезбедување колективна добробит за идните генерации. Таткото на Мериен после смртта на својата сопруга го посветува животот на изнаоѓање на лек кој би бил делотворен за сите постоечки болести кои го напаѓаат човечкото здравје. Изучувајќи стари книги тој наидува на митот за светата вода од катедралата во Кантербери и за нејзината моќ да го однесе патникот назад во времето, во бесконечниот временски и просторен континуум. Меѓутоа додека е назад во времето нешто се случува и тој паѓа во кома. За среќа, испланирал сè детално и предвреме, па ѝ остава на Мериен траги да ја одведат до суштинското во неговата револуционерна истрага.
Мериен крие од својата болна сестра за состојбата на нивниот татко знаејќи колку таквата информација може да ѝ наштети. Со помош на Харисон, долгогодишен соработник на татко ѝ, навлегува длабоко во играта што го занела и стариот Крејтон. Додека зад петите ја бркаат конкурентите, Мериен се предава на друга временска зона и ја пресретнуваат рацете на Вил, праведен и страствен витез. Самото патување во времето е доста мрачно и оловно, што го прави исклучително реално, како што бил и векот кога Мериен се враќа назад. Луѓето во служба на Бога биле еднакво алчни како и бескрупулозните варвари и таа крстоносна борба на народот да стигне поблиску до Бога, елиминирајќи го репресивното однесување на религиските медијатори, Хедланд ја усовршува мајсторски. Гласни се мислите на една миленијалка заробена во пустошот на угнетувани и злоставувани селани, желбата да се преживее, но не и да се надживее предвидениот животен век. Тука Хедланд потполно брилјира. Допадлив е и тонот преку кој се изградени женските карактери, особено тој на Мериен, нејзината цврстина, темелност, решителност, но и снаоѓањето во професионалниот свет претежно препишан на машките дланки, науката. Дали Мериен ќе биде последица да се изменат настаните во иднината? Дали тоа едно поместување на ќибритчето од низата дава поинаков резултат? Сите овие можни портали и паралелни временски димензии авторката ги негува под прав агол во фабулата, така што нема да одолеете да ја оставите книгата ни за миг. Ја прeпорачувам на сите кои имаат желба да читаат историска фикција и романса, поткрепена со фактите од науката, ваквиот тријаден пресек ќе ве остави занемени. Слушајте со филмската музика на Hans Zimmer пуштена тивко за да отпатувате и вие, рамо до рамо, но во еден шепот со Мериен во годината 1381. Нетрпеливо го очекувам продолжението на Води на Времето.
Пишува: Јована Матевска Атанасова
Comments